Search
понеделник 20 август 2018
  • :
  • :

Херпес да фати тој што ќе каже дека живееме во здодевна земја!

КОЛУМНА Amigas y Rivales

пишува: Сашо Орданоски

Херпес да фати тој што ќе каже дека живееме во здодевна земја!

Утре – задутре преговараме за ново име. В петок очекуваме први затворски пресуди за високи функционери од минатата влада, на чело со бившиот премиер Груевски. Викендот малку душа ќе збереме, за веќе в понеделник да видиме дали и актуелниот премиер Заев ќе замине в затвор или ќе биде ослободен од обвиненијата за барање поткуп. Од идниот вторник на дневен ред е реконструкција на Владата, а веќе за неделата потоа ВМРО-ДПМНЕ ги најавува „најмасовните (патриотски) демонстрации во историјата на Македонија“!

Да понудите вакво сценарио за политички трилер во Холивуд, ќе ви го одбијат со хистерично смеење и – пред да почнат зачудено да се чешаат заради појавата на епидемија од херпес – ќе ве упатат во Телемундо, за таму да се обидете да им ја продадете вашата идеја на некоја колумбиска третокласна продукција за производство на евтини утрински плачливи теленовели. „Анхела е собарка во евтин провинциски мотел во Мексико во која се заљубува младиот милионер Диего во бегство од неговата свршеничка Паола која го фатила во кревет со нејзината близначка Паолина вечерта пред нивната свадба, ама татко им Лоренцо му е на трага, па решаваат да побегнат во Хондурас каде Анхела ќе затрудни од чичкото Хозе на милионерот Диего кој е разведен и со две малолетни деца од првиот брак, заради што Анхела ќе се врати кај мајка ѝ Марија и ќе ја моли за прошка затоа што татко ѝ Розарио станал пијаница заради неа“… Гледате, нема добра јужноамериканска телевизиска серија што не може да се раскаже во една реченица.

Е, ај обидете се да ја опишете во една реченица јужноевропскава, македонска политичка теленовела, ви се молам?! Цврц, тикви! Не можете да стигнете ни до втората епизода, а собарката е веќе трудна и разведена од милионерот, а сите премиери од последните 15-20 години ви завршиле на суд!

Од телевизиска гледна точка, разликата меѓу шпанските (и турските!) теленовели и американските „сапунски“ серијали е во тоа што јужноамериканските продукции се насочени на истовремено опфаќање на различни демографски групи кај публиката. Затоа таму мора да има за секого по нешто: неверства, љубомори, разводи, затруднувања, свадби и прељуби, убиства и труења со храна, малолетни љубовници и средовечни богаташи, деловни дубари и расни коњи. Како да гледате вечерен дневник на Телма, само со помалку возбудувања и со поедноставен заплет.

Оти, што ќе се случи со Македонија ако, на пример, за зло не требало, ни го осудат на условна, како замена за ефективната казна затвор, сегашниот премиер Заев? И ако судијата му наложи, дополнително на условната, шест месеци да извршува и „општествено полезна работа“? Дали премиерската агенда спаѓа во општествено корисен труд? Или ќе го гледаме како собира смет секое утро од девет до единаесет часот околу зградата на Владата, окружен со десетина телохранители, пред на пладне да седне да претседава со работната група за реформи во правосудството?

Или што ако и Груевски го „репнат“ три години затвор за поттикнување и нарачка за извршување на кривично дело „мајбах“? Тоа, само по себе, ќе се смета за општествено полезна работа или и тој ќе мора дополнително нешто да матка? Царот на судските местенки, Груевски, тврди дека сите судења против него се однапред наместени за на Македонија полесно да ѝ го сменат името, а јас мислам дека неговата стратегија за одбрана треба да се темели врз фактот што државата Република Македонија нема потпишано договор за екстрадиција со државата Република Северна/Горна Македонија, па сите кривични обвиненија против Груевски не може да се сметаат за правно преносливи од едниот во другиот државен ентитет, што го ослободува обвинетиот од секоја докажлива вина.

И после Диего ја зема Анхела за жена, а таа му раѓа три ќерки (Ана Марија, Каталина и Њуњета, дос мучос хермоса мухерес), и среќно си живеат до крајот на животот со парите наследени од чичко им Дон Мијалкос.

Ви велам јас дека сите ние живееме во една долга шпанска серија, на која ѝ го заборавивме почетокот, а крајот не ѝ се гледа.

 

 

loading...