Search
недела 27 мај 2018
  • :
  • :
Најнови Вести

Кој ги полни кафулињата и среде ден? КОЛКУ ПОВЕЌЕ НИ СЛАБЕЕ ДРЖАВАТА И ПЛАТИТЕ, ТОЛКУ ПОВЕЌЕ ГО ЈАКНЕМЕ ЧМАЕЊЕТО ПО КАФЕАНИТЕ

Loading...

Најновиот 72-ри број на „Скопско Eхо“ веќе се дели низ македонската метропола, ударна тема е:

Кој ги полни кафулињата и среде ден?
КОЛКУ ПОВЕЌЕ НИ СЛАБЕЕ ДРЖАВАТА И ПЛАТИТЕ, ТОЛКУ ПОВЕЌЕ ГО ЈАКНЕМЕ ЧМАЕЊЕТО ПО КАФЕАНИТЕ

Ни го разнишуваат идентитетот, ново име на државата ни токмат, економијата никако да се крене, платите уште ни се минимални, илјадници граѓани чекаат на бирото за вработување, цените растат… Сето ова е реалност која секојдневно ја гледаат и ја доживуваат скопјани. Но, има и една друга спротивна слика- полни кафеани, гласна музика, опуштена атмосфера… и тоа не во викенд туку секој ден, среде работно време. Да се чудиш, а не е за чудење оти одамна е вака. Да се нервираш, џабе е, да пробаш да ги разбереш – невозможно е…
– Вакво нешто со преполни кафани среде ден не сум видела во Братислава ниту во сабота и недела, ни вели една туристка од Словачка со која разговаравме миниот вторник на кејот на Вардар кај ГТЦ.
Пиење кафе, жесток пијалак, цигари, вртење празен муабет во што е можно поголемо друштво, правење и по некој бизнис, барање врски… на главната скопска улица „Македонија“, во кафеаните на плоштадот, на кејот на Вардар, по големите трговски центри, веќе одамна станаа главни обележја на „скопската шема“. А таа „шема“ трае веќе со години…
Градежниот работник Темелко Петрушев кој што го сретнавме минатиот вторник додека работеше на фасадата на една од зградите на улица „Македонија“ ни рече дека секој ден гледа полни кафеани на улицата.
– Се чудам кои се тие луѓе кои доаѓаат во неа во сред работно време. Очигледно, доаѓаат оние кои можат да излезат од работа кога сакаат и да се вратат не водејќи сметка за времето. Би ги прашал дали би можеле така да прават и да седат во кафеаната доколку работат кај некој приватник. Овие луѓе тука се очигледно од државни служби и нашата влада треба сериозно да се запраша колку и што тие работат, ни рече овој работник додека го креваше градежниот материјал.
И најобичната прошетка по кафаните во централното градско подрачје кажува дека вработените во државните служби лоцирани во околината се чести гости во речиси сите објекти. А тука се и невработените, деловните луѓе, студентите, средношколците…
– Кај нас доаѓаат главно вработени и секогаш едни исти гости. И тоа, неколку два пати во текот на денот. Навечер најмногу има помлади –невработени. Од каде им се парите можеме само да претпоставуваме, но да се живи родителите, бабите и дедовците и нивните плати и пензии, ни рече една келнерка во кафулето на улица „Македонија“.
Излегува дека добар дел од невработените наместо во потрага по работа значителен дел од своето слободно време го оставаат по кафулињата. Со добиени 200-300 денари од дома се поминуваат три-четири часа во кафеана со надеж дека тука ќе се сретне и некоја „врска“ за вработување или да денгуби…
– Јас сум дипломиран економист по професија и веќе со години сум невработен. Ми понудија да работам како продавач на бела техника и одбив. Не можам да прифатам да работам она за што не сум учел. За егзистенција се снаоѓам од пензијата на мајка ми, ни вели скопјанец кој е чест гостин во скопските кафулиња.
Социологот Илија Ацески вели дека постојат потреби кај луѓето да излегуваат во кафулиња и во кафеани кои се посилни од длабочината на нивниот џеб.
– Се чуствува една несигурност во овој нестабилен период кој долго време го преживува нашата земја. Луѓето како да сакаат да најдат елементарно засолниште во ментална смисла, сакаат да ја испумпаат негативната енергија, да се збори, да се опцуе, да се смее, објаснува Ацески.
Била тоа потреба или не, таа скопска специфика наоѓа на чудење од страна на бројните странски туристи кои секоја година го посетуваат нашиот град. Аркан Керим, туристички работник чија агенција носи многу туристи во Скопје, ни вели дека тие веднаш забележуваат „нешто необично“ во градот.
– Речиси да нема група туристи кои не ме прашуваат како е можно толку многу луѓе да седат по скопски кафеани. Велат, толку ли сте богата земја да луѓето имаат доволно пари да јадат и пијат по рестораните? Кај нив не е таков случај туку во работен ден и во текот на работното време кафеаните се празни оти луѓето се на работа, во училишта, или бараат да се вработат, ни објаснува Керим.

Дури и во 2001-ва година кафеаните беа преполни

Владимир Мандичевски, менаџер во „Баги комуникации“ кој е познат како организатор на бројни музички настани потсетува на скопска изрека дека „што и да се случува, кај нас кафаните работат“.
– Со децении наназад, скопските кафани се место за дружење, договарање бизниси, бистрење политика, покажување статус….. И колку и да е економската ситуација тешка, и колку и да притиска беспарицата, за едно кафе секогаш ќе се најде. И повеќе од тоа. Со моето не така кратко кафаeнско искуство, речиси и да не паметам период кога истите не работеле. Дури и во 2001 година кафаните беа преполни, вели тој.

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник „Скопско Ехо“

Фотографија на Skopsko Eho.