Search
понеделник 18 декември 2017
  • :
  • :
Најнови Вести

По 6 месеци во кома, македонскиот тенисер Грнчаров се подготвува за првиот турнир

Дваесетгодишниот струмичанец Дарко Грнчаров 15 години тренира тенис. Подготвувајќи се за првиот професионален турнир минатиот декември, Дарко доживеал мозочен удар. Од ударот паднал во кома и се разбудил по шест месеци.

„Подготовките за турнирот беа малку поинтензивни, со прекувремени тренинзи, зашто сакав да се покажам во најдобро светло. Една недела пред ударот чувствував грчеви и имав мали вртоглавици, но мислев дека е само од тренинзите“, вели Дарко во интервју за „Репортер“.

Дарко имал мозочен удар три дена пред почетокот на турнирот.

„Се сеќавам на моментот кога се разбудив неколку часа по ударот и многу сакам да го избришам од главата. Отворив очи во бела соба со куп доктори кои ме прашуваа дали знам кој сум, каде сум, а јас бев во шок и не знаев дали сонувам. Сакав да станам, ама не можев да си ја кренам главата. Сакав да ме пуштат за да одам на турнирот и тоа е последното на што се сеќавам“, раскажува Дарко.

По ударот, изгубил дел од меморијата, но таа се вратила. Го изгубил и слухот на десното уво.

„На почетокот ме лажеа дека сум го удрил увото при падот. Потоа ми признаа дека тоа е последица на мозочниот удар. Следниот шок го доживеав кога лекарите ми рекоа дека веќе никогаш нема да можам да играм тенис бидејќи ќе немам рамнотежа, дека ќе одам и ќе трчам тешко.“

Токму ова го мотивирало да почне да се натпреварува со самиот себе и да ги побие прогнозите на лекарите.

„Почнав да тренирам неколку месеци откако се разбудив од кома. Нема да лажам, чувството беше ужасно бидејќи се плашев да не ми се повтори истото. Одев чекор по чекор“, позитивен е Дарко.

Неговите лекари не можат да поверуваат колку бргу закрепнува, па и понатаму водат голема грижа за него и го контролираат секој негов чекор.

„Тие сметаат дека ова се должи на добрата терапија, на вербата што ја имам во себе и на позитивниот дух“, вели тој.

Веќе во јануари в година ќе заигра на својот прв професионален турнир.

„Човечки е да се плашам од ова хорор-сценарио, страв ми е да не се повтори. Но, ме водат желбата, мотивацијата за успех, моето семејство и двете прекрасни внуки Никол и Каја“, додава.

Странските медиуми го нарекуваат Дарко чудо поради брзиот напредок.

„Изненаден сум од поддршката на медиумите во странство, но и од Светската тениска федерација. Понекогаш си се доживувам како херој, но мислам дека ќе бидам вистински херој ако успеам да мотивирам некого со моето искуство“, ни раскажа Дарко.

Андријана Јовановска