Search
вторник 20 февруари 2018
  • :
  • :
Најнови Вести

Почна состанокот на Димитров и Коѕијас со Нимиц во Виена

Loading...

Почна состанокот на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц во Виена, пренесува МИА.

Ова е трета рунда од обновените преговори меѓу двете земји за решавање на речиси тридеценискиот спор за името на Македонија.

Преговорите прв пат по обновувањето се водат на ниво на министри за надворешни работи, откако за тоа се договорија премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на средбата во Давос минатиот месец.

Димитров и Коѕијас вчера имаа средба во Виена, на која ги усогласуваа позициите пред денешниот состанок со Нимиц.

Нема информации дали на денешниот состанок ќе се разгледува нацрт-договорот, кој за средината на февруари го најави Коѕијас.

Шефот на грчката дипломатија минатиот месец изјави дека се подготовува нацрт-договор од четири точки кој, доколку биде прифатен, ќе претставува основа за решавање на спорот.

Новата рунда преговори уште минатата недела ја најави премиерот Зоран Заев, кој посочи дека Македонија прави се за да докаже дека нема никакви иредентистички побуди.

Заев ја изрази и подготвеноста на македонската страна да се прифати географска одредница, но напомена дека не гледа потреба за промена на Уставот на земјава.

Сложено име и за надворешна и за внатрешна употреба, за кое треба уставна промена и повлекување на секакви сомнежи за иредентистички ставови, е рамката што го гарантира затворањето на проблемот, најави вчера Ципрас на состанокот на пратеничката група на СИРИЗА.