Search
понеделник 18 декември 2017
  • :
  • :
Најнови Вести

Што ги спојува компанијата што добила гратис струја од МЕПСО и адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“?Koчо Анѓушев бе

Текстот е објавен на 24.02.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.116

Првиот човек на финансиската полиција Арафат Муареми вчера информираше дека поднеле неколку кривични пријави, вклучително и за поранешен директор за финансиски работи во Дирекцијата на МЕПСО и член на УО (С.В.) и поранешниот генерален директор (Н.Ј.). Имено, Управата констатирала дека тие од ноември 2016 година до август 2017 со неизвршување на својата службена должност ја одолговлекувале постапката и не презеле никакви дејствија за наплата на побарување за испорачана електрична енергија од страна на АД МЕПСО на ЕНГ Сервис Траде ДОО Скопје. Сопственикот на оваа компанија, како што неодамна пишуваше Фокус, поседува уште една компанија за трговија со струја, која, пак, соработувала со адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“, блиска до поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако пазарот со електрична енергија досега требаше да биде целосно либерализиран, согласно препораките на Европската унија, сепак, македонските власти го одложија овој процес до 2020 година, со објаснување дека, во спротивино, македонските граѓани би плаќале повисоки сметки за струја. На прв поглед, тоа нема голема логика, имајќи предвид дека конкуренцијата по дефиниција ги снижува цените на производите и услугите, па се поставува прашањето кој има најголем интерес и бенефит од пролонгирање на овој процес.

Инаку, пазарот на електрична енергија го сочинуваат неколку учесници, меѓу кои домашните произведувачи претставени преку постројките на АД „ЕЛЕМ“, која има обврска да врши и јавна услуга. Со електропреносниот систем, пак, управува уште едно акционерско друштво во државна сопстевност – „МЕПСО“. И третиот сегмент од овој систем е управување со електродистрибутивната мрежа, односно испорака на електричната енергија на тарифните потрошувачи, во кои влегуваат околу половина милион домаќинства, што по приватизацијата на „ЕСМ“ во 2005 е во рацете на австриски „ЕВН“.

Дотука, всушност, се дефинира регулираниот пазар на електрична енергија, но постои и нерегулиран или слободен пазар, во чии рамки се врши купување и продажба меѓу трговците и снабдувачите со струја и таканаречените квалификувани потрошувачи по пазарни цени. Во моментов има 270 вакви потрошувачи, во кои спаѓаат големи компании со над 50 вработени и годишен обрт од преку 10 милиони евра, како и државни институции и јавни претпријатија, кои можат да набавуваат струја на слободниот пазар од овластените и лиценцирани снабдувачи.

Додека опозицијата обвинува дека енергетските власти свесно не го користат максималниот капацитет за домашно производство на струја за да им остават простор за бизнис на приватните трговци да прават огромни профити, од владата возвраќаат дека намаленото производство е резултат на делумната либерализација на пазарот, која им овозможила на многу големи потрошувачи да набавуваат струја од приватни компании. Експертите, пак, велат дека вистината е некаде на средината – владата ненаменски потроши милионски средства за реконструкција на блоковите на РЕК Битола, па севкупните потреби, сакале или не, мора да се задоволуваат преку увоз.

ОПАЃА ПРОИЗВОДСТВОТО, РАСТЕ УВОЗОТ

Официјалните податоци говорат дека во 2015 година вкупната инсталирана моќност на капацитетите за производство на електрична енергија во државата изнесувала 2.053 мегавати. Притоа, само термоелектраната РЕК Битола, која функционира во рамките на АД „ЕЛЕМ“, има инсталиран капацитет од 675 мегавати, што е повеќе од сите хидроцентрали во сопственост на „ЕЛЕМ“, како и оние двете на „ЕВН“, чија инсталирана моќност изнесува 600 мегавати. Оттука, овој комбинат е стожерен субјект во електроенергетскиот систем во земјава, поради што не случајно во последните години се инвестираа милионски средства за модернизација и ревитализација на блоковите.

Податоците од Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека термопроизводството, кое се остварува преку термоелектраните под управа на АД „ЕЛЕМ“, или главно РЕК Битола, учествува со повеќе од две третини во вкупното домашно производство на струја. Во 2006 година, кога Никола Груевски стана премиер, АД ЕЛЕМ произвела 6.509 гигават часови, во кои термоцентралите учествуваа со 4.946 гигават часови. Во 2015 година, пак, ЕЛЕМ произвел 5.113 гигават часови, што значи дека во последните десетина години за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, домашното термопроизводство паднало за околу 1.400 гигават часови.

Од друга страна, додека опаѓа домашното производство, се повеќе расте увозот на електрична енергија. Така, во пресвртната 2006 година увезени биле 1.958 гигават часови, што зафаќало 22 отсто од вкупното обезбедено количество на електрична енергија во споменатата година, без да се калкулираат загубите. Од година во година увозот генерално расте, така што во 2013 година изнесувал 2.490, во 2014 година стасал до 3.072 гигават часови, за во 2015 година да се спушти на 2.655 гигават часови, што значи дека 34,5 отсто од вкупната потрошувачка била задоволена од увоз.

Треба да се посочи дека ваквиот тренд на опаѓање на домашното производство и паралелното зголемување на увозот на струја се прекршува само во 2009 и 2010 година, кога домашното производство се зголемува во споредба со 2008 година. Арно ама, тоа не е резултат на засилена работа не термоелектраните, туку на зголемено производство на хидроцентарлите. Како и да е, од 2011 година повторно се воспоставува негативна тенденција кај домашното производство и позитивна тенденција кај увозот на електрична енергија, кој фактички е зголемен за повеќе од 10 отсто во последните години.

НЕКОЛКУ ФИРМИ ДОМИНИРААТ НА ПАЗАРОТ

Во редот на компании и институции, кои како квалификувани потрошувачи набавуваат електрична енергија по услови и цени договорени со трговецот, се вбројуваат и „ЕЛЕМ“, „МЕПСО“ и „ЕВН“, кои купуваат струја за да ги покријат загубите и да обезбедат дополнителни количини за задоволување на потребите на крајните корисници. Тие склучувале договори со повеќе компании, меѓутоа неколку од нив се издвојуваат според висината на испорачаното количество електрична енергија. Голем дел се со странски капитал, но со домашен менаџмент, а дел од нив се од чисто македонски карактер.

Имено, извештајот на ЕКЕ за 2015 година покажува дека „ЕВН“ и „МЕПСО“ заеднички набавиле струја за потребите на квалификуваните потрошувачи во вкупен обем од 2.942 гигават часови. Двете друштва дури 44 отсто од електричната енергија ја откупиле од „Енерџи Деливери Солушнс“ („ЕДС“) или 1.306 гигаватчасови. Потоа, меѓу компаниите од кои тие купувале струја се и: „Гени“ со 25 отсто или 764 гигаватчасови, „ЕВН-снабдување“ со 15 отсто или 469 гигават часови, „Фјучр Енерџи“ и „Енерџи Уинд“ со по 2 отсто или над 60 гигават часови, „Данске Комодитис“ со 1,3 отсто или 38 гигаватчасови, „Мист Енерџи“ со 1,4 отсто или 41 гигаватчасови…

Воедно, „ЕВН“ Македонија во истата година реализирала набавка на струја за потребите на тарифните потрошувачи на слободниот пазар од неколку компании, при што најмногу од „Гени“, од која откупила 154.216 мегаватчасови за 7,3 милиони евра, додека во помал обем купувала од „ЕДС“ (21.888 мегават часови), „Енергетска финансиска група“ – Софија (21.514 мегават часови), „Данске“ (16.416 мегават часови)… Исто така, „ЕВН“ набавувала струја и за покривање на загубите во дистрибутивниот систем, при што овојпат најмногу набавила од АД „ЕЛЕМ“ (231.846 мегават часови за 10,6 милиони евра), на второ место е „Гени“, на трето место „ЕДС“ итн.

И „МЕПСО“ реализирал набавка на струја за покривање на загубите на електрична енергија во дистрибутивниот систем. И овде се вртат истите трговци со струја, на чело со „Гени“, од која откупиле 93.935 мегаватчасови за 4,3 милиони евра, по што следуваат АД „ЕЛЕМ“ со 31.734, „ЕДС“ со 13.050 и др. АД „ЕЛЕМ“, пак, на овој пазар се јавувала и како продавач на вишоците, при што на слободниот пазар најмногу струја и продала на „Гени“, која откупила 44.580 мегават часови за 1,8 милиони евра, или за 40 евра по мегават час.

ДВЕ КОМПАНИИ ТРИЈАТ РАЦЕ ОД ТЕНДЕРИТЕ

Доколку се погледаат компаниите што снабдиле најголемо количество струја до државните институции и јавни установи, кругот е уште потесен. Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажува дека во првите 24 месеци од втората фаза на либерализацијата, односно во периодот од април 2014 до истиот месец 2016 година, како купувачи на слободниот пазар се јавиле 22 државни претпријатија, кои со 4 компании склучиле 45 договори во вкупна вредност од 18,2 милиони евра. Во меѓувреме, оваа листа се зголеми за само уште една компанија.

Во секој случај, овде предничи „Мист Енерџи“, која за две години склучила 16 договори во вредност од 9,6 милиони евра, по која следува „Фјучр Енерџи“, која од 15 договори инкасирала 6,5 милиони евра. Овие компании се носители на најголемите договори за јавна набавка, односно „Мист Енерџи“ склучила два договори со ЈП „Водовод и канализација“ вредни вкупно 4,8 милиони евра, додека „Фјучр Енерџи“ 2 договори со МЖ „Транспорт“ од вкупно 3,9 милиони евра итн. На трето место во оваа конкуренција е „Енерџи Деливери Солушнс“, која склучила 8 договори вредни 1,1 милиони евра, а „ЕВН снабдување“ склучила договори во износ од 965 илјади евра. Овде неодамна влезе и „Соларпро“, која, според Бирото за јавни набавки, кон крајот на минатата 2016 година склучила договор со ЈСУ „8 септември“ во износ од 195.000 евра.

Државната компанија „МЕПСО“, која е лиценцирана за управување и организирање на пазарот на електрична енергија, неодамна објави дека заклучно со третиот квартал минатата 2016 година, на слободниот пазар не доминира ниту една од компаниите што владејат со струјните тендери, туку „ЕДС“, која во овој период до потрошувачите предала струја која зафаќа 48 отсто од вкупно истргуваното количество. По неа следуваат „ЕВН снабдување“ со 17 отсто, „Петрол“ со 4,8, „Гени“ со 4 отсто итн, додека „Мист“ и „Фјучр“ предале струја, во релативна смисла, по 1,4 отсто од вкупното количество.

Врз основа на тоа произлегува дека речиси 90 отсто од јавните пари за набавка на електрична енергија во последните 2-3 години завршиле кај две компании, додека компанијата што држи 40 отсто од севкупниот пазар на снабдување, земајќи ги предвид сите квалификувани потрошувачи, плус приватните компании, е на трето место. Тоа го поставува прашањето како оваа компанија, која ја избираат најголем број од приватните компании, најчесто не е избор на државните институции и органи кога се трошат народни пари, иако нуди најповолни услови?

ПРЕСВРТНА ГОДИНА

Станува збор за компанија која е дел од групацијата на „Фероинвест“ на Кочо Анѓушев, кој на крајот на 2012 година ја основаше откако ја напушти „ЕФТ Македонија“, дотогаш најголем увозник на струја. За овој неколкугодишен период, како што информираат од „ЕДС“ на нивната интернет-страница, компанијата снабдува речиси половина од компаниите што се квалификувани потрошувачи. Од таму навеле дека нивната предност е тоа што секојдневно купуваат огромни количини енергија, со што се во состојба да понудат струја по цени кои се и до 40 отсто пониски во однос на оние на нивните конкуренти.

Што се однесува до останатите компании, „Мист Енерџи“ е основана во 2013 година од страна наИвица Крстевски, кој воедно е управител на друштвото. Поточно, компанијата е формирана во септември 2013 година, веднаш откако Анѓушев ја напушта „ЕФТ Македонија“, а неговата „Енерџи Деливери Солушнс“ доби лиценца за снабдување со електрична енергија. Само неколку месеци по формирањето, „Мист“ почнува да добива тендери, така што веќе во март за еден месец склучила 3 договори во вкупен износ од над 1,2 милиони евра, за веќе во април да го склучи и првиот голем договор со „Водовод и канализација“ од 2,1 милиони евра.

Влегувањето на овој пазар на „ЕДС“, покрај „Мист Енерџи“, го следи и „Фјучр Енерџи“, која е основана истата 2013 година. За разлика од нив, станува збор за компанија со странски капитал, имајќи предвид дека, според Централниот регистер, нејзин основач е „Фјучр Енерџи ООД“, регистирана во бугарскиот главен град Софија, која е присутна и на романскиот и на српскиот пазар. Иако како лице за контакт е наведен управителот на бугарската компанија Иван Стојанчев, сепак, како управител на друштвото фигурира македонскиот државјанин Александар Петрески.

Финансиските извештаи на овие компании откриваат дека речиси сите работат профитабилно, со тоа што кај некои од нив тоа е резултат на јавните пари, додека кај други тие имаат незначителен удел. Во 2015 година, убедливо најголеми приходи остварил „ЕДС“ од над 87.000.000 евра, додека на крајот на годината профитот надминал еден милион евра. Другите две споменати компании – „Фјучр Енерџи“ и „Мист Енерџи“, пак, оствариле приход од околу 5,5 милиони евра, односно 2,5 милиони евра, како и профит од 336.500, односно 135.000 евра.

КОНЕКЦИИ СО ВЛАСТА

Единствената нова компанија што освоила „струен“ тендер е „Соларпро Холдинг“, подружница на истоимената бугарска компанија. Нејзин управител е Христо Данев Христов, кој, пак, се јавува како управител и на „Соларпро ОМ“, формирана од истоимената бугарска компанија во втората половина на 2013 година за изградба на електрични водови и телекомуникациски линии. Се работи за бугарска компанија за соларни системи, која има преку 30 соларни електрани во Бугарија, а како што објавија медиумите, работеше на изградба на соларна електрана во битолско.

Но, поинтересна е една друга бугарска компанија – „Сее Пауерс“, формирана кон средината на 2014 година, додека лиценца за трговија со електрична енергија побарала и добила во средината на минатата 2016 година за период од 10 години. Управител на оваа компанија, основана од младото бугарско друштво „Сее Пауер Трејдинг“, кое во регионот делува од 2011 година, е Иван Атанасов Чаталбашев. Она што привлекува најголемо внимание, е тоа што што оваа компанија е регистрирана на адреса која е идентична со адресата на седиштето на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“ – „Аминта Трети“ бр. 33 а.

Ова адвокатско друштво е формирано во 2006 година, поточно во април, непосредно пред парламентарните избори. Основачи и менаџери на друштвото се Лазар Чукиќ и Серјожа Марков, кои пред да се здружат работеле во посебни адвокатски канцеларии. Досега во јавноста се идзвојуваше Марков поради неговите роднински врски со владејачки функционери.

Колку за информација, тој е син на Љубинка Муратовска – Маркова, која од 2007 беше во два мандати член на Антикорупциската комисија. Исто така, Марков е брат на сопругата на поранешниот помошник-министер во МВР, Иво Котески, кој е актуелен директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа, претставниците на СДСМ неколкупати досега на прес конференции, преку соопштенија и на собраниски седници се осврнуваа на Марков како адвокат близок со власта на Груевски.

НОВИ КОМПАНИИ СО НОВИ АПЕТИТИ

Во листата клиенти на адвокатското друштво, кое во меѓувреме е повлечено од нивниот официјален сајт, фигурираа уште неколку компании што се занимаваат со трговија и снабдување со струја. Една од нив е словенечката компанија „Гени“, која се занимава исклучиво со трговија со струја, така што е водечка според количеството струја купено во една а продадено во друга држава, додека земјава служела како транзитна зона. За објаснување, разликата меѓу трговија и снабдување со струја е во тоа што снабдувачите може да продаваат и доставуваат струја до потрошувачите што ги исполнуваат условите за самостојно учество на пазарот, а трговците можат да им продаваат само на снабдувачите.

Уште една компанија која соработувала со адвокатската канцеларија е „Енерџи Сервисис“, основана во 2012 година од страна на Оливер Несторовски, кој воедно е управител на компанијата. Името на Несторовски се јавува како основач и управител во уште една компанија за трговија со електрична енергија со сличен назив и иста адреса – „ЕНГ Сервисе Траде“, која е основана во 2014 година. И двете компании од Регулаторната комисија за енергетика поседуваат лиценци за трговија, но и за снабдување со електрична енергија.

На крајот, треба да се наведе една новоформирана компанија, „У повер“ која е основана и лиценцирана за трговија со струја минатата 2016 година. Основачи на компанијата се Фатмир Ибрахими од Тетово и Арианит Џафери од кичевското село Зајас. Тој е син на Муса Џафери, поранешен вицепремиер и министер во неколку ресори во повеќе влади како кадар на ДУИ и важи за десна рака на партискиот лидер Али Ахмети.

Сите аргументи недвосмислено говорат дека бизнисот со струја станува се поатрактивен за компаниите, меѓу кои има такви со конекции со владејачките структури, иако некаде тие се изразени посредно, а кај некои директно. Во прилог на тезата дека некои компании се фаворизираат на сметка на другите, упатените велат дека државните претпријатија не секогаш набавуваат струја по најниски цени. Дури и некои приватни компании блиски до власта, според нив, склучувале договори со поскап снабдувач, само затоа што е близок до владејачката гарнитура, што се коси со секоја бизнис и пазарна логика.

 

МОЛК ОД СИТЕ СТРАНИ

„Фокус“ упати прашања до „Сее Пауер“ и до адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“ како се случило двете компании да делат една иста адреса, но до затворањето на овој број од неделникот не добивме одговори. Реакција изостана и од „У Повер“, додека екс функционерот од ДУИ, Муса Џафери, беше недостапен на неговиот мобилен телефон. Во „ЕДС“, меѓу другото, прашавме дали на пазарот на струја се фаворизираат едни на сметка на други компании, но и од таму не добивме одговор.